top of page

Проф. д-р Велимир Стојковски е роден во Скопје на 7 февруари 1966 година.

В. Стојковски е редовен професор во областа на биохемија и биологија на клетка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Покрај предавања во државата, тој одржувал предавања и на универзитети надвор од Република Македонија. Велимир Стојковски е почесен професор (professor honoris causa) на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ во Москва (Руска Федерација),  на Универзитетот во Велико Трново (Р. Бугарија), на Југозападниот универзитет во Ченгду (Н.Р. Кина) и почесен доктор (doctor honoris causa) на Универзитетот во Истанбул (Р. Турција). Автор е на повеќе од 230 научни и стручни трудови, а главен истражувач и истражувач во 18 научноистражувачки проекти.

Во досегашниот период извршувал повеќе функции на Универзитетот и надвор од него, како, продекан и декан на Факултетот за ветеринарна медицина и проректор на Универзитетот. Бил национален (државен) координатор за научното подрачје на природно-математичките науки, член на националниот тим на промотори на Болоњскиот процес  во Република Македонија и член на работната група за изготвување на Националната рамка за квалификациите во Р. Македонија  при Министерството за образование и наука на Република Македонија, член на Државната комисија за биомедицински потпомогнато оплодување и член на работната група за подготовка на Законот за Биомедицински потпомогнато оплодување при Министерството за здравство на Република Македонија,  член на Комисијата за одликувања и признанија на Претседателот на Република Македонија, член на Иницијативниот и советодавен одбор на Европската мрежа на претприjатија во  Брисел, претседател на Ректорската конференција на јавни универзитети на Р. Македонија, претседател на Конзорциумот на Европскиот информативен и иновативен центар во Македонија, член на Националната комисија на UNESCO за Република Македонија, претседател на Интеруниверзитетската конференција на Р. Македонија, директор на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и тн. 

Проф. д-р Велимир Стојковски од 2008 до 2016 година бил ректор на најстариот и најголем универзитет во Р. Македонија - Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е претставник на „Православната енциклопедија“ и член на Собранието на Стопанската комора на Македонија.

За својата активност, Стојковски е добитник на повеќе награди и признанија, од кои ќе ги споменеме: Медал „Пушкин“, Државна награда на Руската федерација со указ на претседателот на Руската федерација, Н.Е. г. Дмитриј Медведев, Спомен медал „70 Години од Победата во Големата Татковинска војна“ од Рускиот организациски комитет „Победа“ под претседателство на претседателот на Руската Федерација, Н.Е. г. Владимир Путин, Орден на Руската православна црква „Преподобен Сергеј Радонежски“ со Указ на Неговата Светост Патријархот московски и на цела Русија Кирил, 13 Ноемвриска награда на град Скопје, Награда 13 ноември на Сојузот на спортови на Скопје, Повелба на Универзитетот во Ријека, Хрватска, медал од редот на Светиот македонски крст, Македонска православна црква, орден „Св. Климент Охридски“ од Прв ред, Македонска православна црква, државна награда „Св. Климент Охридски“ на Собранието на Република Македонија и др.

bottom of page