top of page

Амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Н.Е. Олег Николаевич Шчербак, на 29 фавруари 2016 г. свечено му го врачи конзулскиот патент од Министерството за надворешни работи на Руската Федерација на проф. д-р Велимир Стојковски, за неговото назначување за Почесен конзул на Руската Федерација во Охрид.

На Почесниот конзул Велимир Стојковски му е определен конзулски округ кој ги вклучува териториите на општините Охрид, Струга, Ресен, Дебарца, Вевчани, Дебар, Демир Хисар, Кичево и Центар Жупа.

Согласно Законот за надворешни работи, Владата на Република Македонија донесе Одлука за давање согласност за отворање Почесен конзулат на Руската Федерација во Охрид и Одлука за давање согласност за именување Почесен конзул, а Министерството за надворешни работи на Република Македонија на почесниот конзул Велимир Стојковски му издаде егзекватура.

Во својата дејност Почесниот конзул се раководи од законите на Руската Федерација, меѓународните договори на Руската Федерација, Уредбата за почесен конзул на Руската Федерација, Конзуларната конвенција меѓу Руската Федерација и Република Македонија, Виенската конвенција за конзуларни односи, како и општо прифатените норми и принципи на меѓународното право.

Почесниот конзул ги штити правата и законските интереси на граѓаните и правните лица на Руската Федерација, презема мерки за тоа, граѓаните и правните лица на Руската Федерација да ги ползуваат целосно сите права, кои им се гарантирани со законите на Република Северна Македонија и меѓународните договори, чиј потписник е Руската Федерација и Република Северна Македонија, како и со општо прифатените норми и принципи на меѓународното право.

Во согласност со своите компетенции Почесниот конзул придонесува за развивање на взаемните односи на Руската Федерација со Република Северна Македонија, проширување на економските, трговските, научните, културните и други врски.

bottom of page