top of page
Lesok-1.jpg

Во Лешок беше осветен мермерен Крст во спомен на руските монаси од Валаамскиот манастир

Лешок, 27 маj 2016

На 27 мај 2016 година во манастирот Св. Атанасиј во с. Лешок, Тетовско беше осветен мермерен Крст во спомен на 35 руски монаси од Валаамскиот манастир кои во дваесетите години од минатиот век бегајќи од тогашната советска власт дошле во Македонија, и тоа во лешочкиот манастир.

На богослужбата чиноначалствуваше Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на Митрополитот Дебарско - кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион и Митрополитот тетовско - гостиварски г. Јосиф.

Во церемонијата на осветување на крстот присуствуваа и повеќе свештенослужители од МПЦ, делегација од Валаамскиот манастир предводена од игуменот Методиј, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој истовремено е и почесен конзул на Руската Федерација во Охрид, проф. д-р Велимир Стојковски, градоначалници прет-ставници на општествени организации и многуброен народ. 

Митрополитот тетовско - гостиварски г. Јосиф, како домаќин ги поздрави присутните гости и им посака добредојде на осветувањето на Крстот, како што рече, во чест на руските монаси, кои принудени да пребегнат од комунизмот, нашле прибежиште во Лешочкиот манастир, оставајќи во  него дел од својата духовност и култура.

Покровителот на церемонијата, Амбасадорот на Руската Федерација во Р. Македонија, Н. Е. Олег Шчербак истакна дека од Лешочкиот манастир руските монаси започнале да одат по другите манастири во Македонија од каде проповедале христијанство и живееле богоугоден живот. Овој крст нека биде симбол за поклонување и ќе ја покажува нераскинливата духовна врска меѓу двата народа – изјави рускиот амбасадор.

Крстот нека биде надеж за ова место, кое со векови било угнетувано и страдало. Ние христијаните, нема со што да се фалиме освен со светиот крст – подвлече во неговата беседа Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. 

Покрај осветувањето на Крстот, во оваа пригода Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква додели и два ордени. Имено, таа го одликува Неговото Високопреподобие игуменот г. Методиј (Петров) од Спасо-Преображенскиот Вааламски манастир - Русија, со Орден на Свети Климент Охридски од Прв ред, за неговиот придонес во зацврстувањето на духовните врски меѓу Руската и Македонската православна црква и промовирањето на духовната култура меѓу македонскиот и рускиот православен народ, а господинот г. Андреј Николаевич Деменко со Орден на Свети Климент Охридски од Трет ред, за неговата подршка на македонските православни светињи и промовирањето на православните вредности, како и продлабочувањето на духовните врски меѓу македонскиот и рускиот православен народ.

bottom of page