top of page
20170506_180714.jpg

„Бесмртниот полк“ Македонија

Скопје, 6 мај 2017

Во рамките на одбележувањето на 9 мај – Денот на победата над фашизмот, Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија, денес на плоштадот „Македонија“ во Скопје, постави „Ѕид на сеќавањето“ како дел од манифестацијата „Бесмртниот полк“.

„Бесмртен полк“ е доброволна граѓанска иницијатива која има за цел во секое семејство да бидат зачувани сеќавањата на блиските кои го дале својот живот во борбата со фашизмот и на генерацијата која ја извојувала победата. Манифестацијата „Бесмртен полк“ за прв пат беше одржана во Томск на 9 мај 2012 година. Тогаш, во поворката на „Бесмртниот полк“ учествуваа повеќе од шест илјади жители од Томск со речиси две илјади портрети на членовите на нивните семејства, некогашни учесници на Големата Татковинска војна. Од тогаш, движењето добива не само национален, туку и меѓународен карактер. Денес, во манифестацијата учествуваат повеќе од 12 милиони луѓе во повеќе од 50 земји ширум светот.

На тој начин им оддаваме почит на своите најблиски, роднини, пријатели и сите ветерани кои се бореле против фашизмот за време на Втората светска војна.

Официјалното лого на акцијата – жеравот кој полетува кон небото со петокрака во позадината – е креација на уметникот од Барнаул А. Шелепов, создадена според уметничкиот лик преземен од познатата советска воена песна „Жерави“, посветена на паднатите борци во Големата татковинска војна.

На манифестацијата „Бесмртниот полк“ организирана на плоштадот во Скопје, покрај амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, претставници на Амбасадата, почесниот конзул на Руската федерација во Охрид, претставници на здруженијата на руските сонародници, здруженијата на руско-македонското пријателство, претставници на Здружението на борците од Народноослободителна борба, претставници на општествениот и политички живот, присуствуваа и бројни граѓани.

Покрај поставувањето на „Ѕидот на сеќавањето“ , истовремено на плоштадот беше прикажан и документарен филм од одбележувањето на „Бесмртниот полк“ во Руската Федерација и прославата на Денот на победата на Црвениот Плоштат во Москва. На крајот на манифестацијата, присутните пуштија бели балони, како симбол на слободата.

bottom of page