top of page
DSC_7235_web.jpg

Прием по повод националниот празник – Денот на Русија

Скопје, 13 јуни 2017

Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија приреди прием по повод националниот празник – Денот на Русија. На приемот присуствуваа поглаварот на Македонската православна црква Архиепископ Охридски и Македонски г.г.Стефан, епископот Хераклејски г. Климент, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх д-р Киро Стојанов,  заменикот на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи г. Оливер Спасовски, министерот за финансии проф. д-р Драган Тевдовски, министерот за транспорт и врски м-р Горан Сугарески, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство г. Љупчо Николовски, министерот за култура м-р Роберт Алаѓозовски, министерот без ресор проф. д-р Зоран Шапуриќ, генералниот секретар на владата проф. д-р Драги Рашковски, почесниот конзул на Руската Федерација во Охрид проф. д-р Велимир Стојковски, шефови на дипломатските мисии и претставници на меѓународните организации акредитирани во Скопје, декани на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, професори, политички, општествени и културни дејци, бизнисмени, новинари, руски сонародници, активисти на здруженијата за македонско-руско пријателство.

По интонирањето на химните на Руската Федерација и Република Македонија, пред присутните се обрати амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија Н.Е. Олег Николаевич Шчербак, кој меѓу другото рече: „Отворени сме за заемно полезна соработка со сите земји. Секако меѓу нив е и Република Македонија со чијшто народ нè врзуваат заеднички духовни корени и традиции на повеќевековното пријателство. Пред речиси 25 години Русија беше една од првите земји кои ја признаа Република Македонија со нејзиното уставно име, а во изминатите неколку години Русија беше речиси единствена земја која следејќи ги принципите на владење на правото цврсто се залагаше за заштита на уставниот поредок на Република Македонија, неприфатливост на надворешно мешање во нејзините внатрешни работи. Русија е стар и докажен пријател на Македонија. Русија не на зборови, туку на дело ја смета Република Македонија за рамноправен партнер, со почит се однесува кон нејзиното мислење и искрено е заинтересирана за нејзините стабилност и просперитет. Кои политички сили и да се на власт во Македонија, Русија е отворена за заемно полезна соработка во сите сфери и е подготвена да ја унапредува толку длабоко и широко колку за тоа е подготвена македонската страна. Цврсто сум  убеден дека таквиот пристап им одговара на темелните интереси и на Русија, и на Македонија, и на регионот“.

bottom of page