top of page
sertifikati-1.JPG

Обучени 600 кандидати на курсевите по руски јазик

Скопје, 4 јули 2017

Рускиот центар при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ - Скопје, кој е основан со поддршка на Фондацијата „Руски мир“, во рамките на програмата за бесплатно изучување на рускиот јазик, во вториот турнус обучи 600 кандидати и тоа како на основно, така и на средно и на напредно рамниште. Во рамките на курсевите, слушателите имаа можност да добијат знаења од домашни, но и од руски предавачи, чиј мајчин јазик е рускиот. По тој повод на завршените курсисти денес во просториите на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје им беа доделени сертификати.

На настанот покрај бројните курсисти присуствуваа и амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Н.Е. Олег Николаевич Шчербак, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, проректорите на Универзитетот, директорот на Рускиот центар при Универзитетот, проф. д-р Велимир Стојковски, претставникот на Россотрудничество во Република Македонија, г. Артјом Румјанцев, професорите по руски јазик и претставници на медиумите.

Настанот го отвори директорот на Рускиот центар, проф. д-р В. Стојковски, кој меѓу другото кажа: „... Јазикот за чие што познавање денес добивате сертификат, несомнено е еден од најзначајните и најраспространетите јазици во светот. Неговата распространетост може да се илустрира само преку неколку факти: Денес во светот 170 милиони луѓе зборуваат руски јазик, околу 350 милиони, одлично го разбираат, а надвор од татковината (Русија) живеат повеќе од 30 милиони, на кои рускиот јазик им е мајчин. Денес нема потреба да се докажува значењето на рускиот јазик и Русија во минатото, но и сега во 21 век. Русија имала и ќе има големо влијание во светската цивилизација и светските достигнувања, благодарејќи на својата литература, култура и наука. На руски јазик зборувале големите поети, твореле големите композитори, пишување големите научници. Тоа е јазик на Толстој и Пушкин, јазик на Чајковски и Стравински, јазик на Ломоносов и Менделеев. Рускиот јазик денес, се посилно се позиционира во рамките на глобалните процеси и тој е клуч кој ги отвора вратите на иднината, преку поврзувањето на луѓето, подоброто запознавање и размената на идеи за соработка во областа на културата, образованието и науката. Затоа, вашиот избор да го изучувате рускиот јазик е правилен...„

Н.Е. Амбасадорот на Русија во Македонија во своето поздравно обраќање се осврна на значењето на рускиот јазик и значењето на Центарот: „... Сите ние сме искрено задоволни со успешната работа на курсевите, бидејќи познавањето на странски јазици, меѓу кои е и рускиот во современиот свет е исклучително важно за проширување на погледот, запознавање со различноста на не толку едноставниот свет кој нé опкружува и зацврстување на взаемното разбирање меѓу луѓето. Бесплатните курсеви во „Рускиот центар“ се единствена можност не само да се допре до духовното богатство и милениумската култура на Русија, туку и да се здобие со важна конкурентна предност, која секогаш ќе биде во корист од професионален аспект. Затоа што рускиот јазик е јазик на светската литература, музика, наука, напредни технологии, вселенски истражувања, интернет и уште многу различни сфери...“

bottom of page