Изложба
„Москва денес“
Скопје, 30 јануари 2018
Во рамките на одбележувањето на 24 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија, во Музејот на град Скопје беше отворена изложбата „Москва денес“. Изложбата е во организација на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија и руската државна агенција Россотрудничество со поддршка на Градот Скопје и Музејот на Град Скопје.
На настанот беа присутни бројни граѓани и претставници од различни институции и организации, меѓу кои претставици од Амбасадата на Русија во Македонија, претставници од Градот Скопје и Музејот на Град Скопје, Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, почесниот конзул на Русија во Охрид, проф. д-р Велимир Стојковски, претставникот на Россотрудничество, Артјом Румјанцев, регионалниот управител на Лукоил, Андреј Михајлович Куку, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, декани, сенатори, професори и љубители на архитектурата и фотографијата.
Настанот го отвори директорот на Музејот на Град Скопје, Фросина Зафировска, а потоа пред присутните се обратија амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија Н.Е. Олег Николаевич Шчербак и градоначалникот на Град Скопје, г. Петре Шилегов.
Амбасадорот Шчербак, во своето обраќање меѓу другото истакна: „... Москва, која во минатата година ја одбележа својата 870-та годишнина, има сложена и херојска историја: градот преживеал и епидемии, и елементарни непогоди, и револуции, и разурнувачки напади од странски освојувачи. Москва повеќе пати ги спасувала народите од цела Европа. Токму таму било запрено продирањето на безбројните татарско-монголски орди кон запад. Токму во Москва во 1812 година претрпел пораз освојувачот на цела Европа Наполеон Бонапарта. Истата судбина ги снашла и нацистичките орди на Хитлер во 1941 година. Но секојпат поминувајќи низ овие сурови искушенија, Москва повторно се издигнувала од пепелта, станувала уште поубава и поживописна. Денес главниот град на Русија е еден од најголемите мегаполиси на човештвото. Тоа е супермодерна градска агломерација, која поседува огромен потенцијал во бизнисот, науката, образованието, културниот и општествениот живот. Ниту една изложба на фотографии, секако, не може да создаде целосна претстава за еден таков огромен град, но фотографските мотиви кои се претставени овде го пренесуваат главното – убавината, доброто и човечкото лице на овој прекрасен и древен град, оптимистичкото расположение и увереноста во својата иднина на неговоте жители. Ова позитивно расположение безусловно е оправдано бидејќи Москва го заема првото место во европа според темпото и обемот на изградбата, доживува бурен период од својот развој, модернизација, инфраструктура, воведување на нови – најнапредни архитектонски решенија и дигитални технологии – вклучувајќи и технологии во областа на управувањето со целото градско стопанство. Во центарот на вниманието на градските власти и на неговите жители се наоѓа обезбедувањето на највисоки еколошки образовни и медицински стандарди, квалитативната промена на начинот на живот и ориентираноста кон потребите на човекот. … Москва денес е град на огромни можности, еден од водечките политички, економски и културни центри во светот, кој е подготвен за остварување на блиска соработка со сите заинтересирани партнери. Се надеваме дека нашиот денешен настан ќе послужи како импулс за понатамошното зацврстување на Македонија, за развивање на плодна соработка во интерес на двете страни, а исто така за размена на искуства во интерес како на жителите на Москва и Скопје, така и на сите граѓани на нашите држави …”.
Градоначалникот на Град Скопје, г. Петре Шилегов, во своето обраќање кажа: „... Ни претставува чест и задоволство да ја поддржиме изложбата “Москва Денес” со која се одбележува 24 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Руската Федерација и Република Македонија. Изложбата „Москва Денес“, подготвена од Амбасадата на Руската Федерација е интересен настан за граѓаните на Скопје, а воедно и основа за унапредување на односите помеѓу Москва и Скопје. Овој настан претставува одлична можност за граѓаните на Скопје, преку изложените фотографии и легенди, информативните брошури и видео проекции, да добијат појасна претстава за современиот урбанистички изглед на руската престолнина. Знаменитостите, уникатните архитектурни и инфраструктурни проекти изградени во Москва во последните неколку години кои имаме прилика да ги видиме денес, се одличен пример како една светска метропола успева да се грижи за зачувувањето на прекрасниот автентичен изглед одржуван со векови и истовремено за модернизацијата на градот, наметната од глобалниот технолошко-индустриски напредок. Ова е извонредна прилика преку добивањето на визуелната претстава за изгледот на современа Москва да ги разгледаме можностите за развој на туризмот, спортот, образованието и културата кои ги нуди еден од најголемите градови на Земјина топка.
Дозволете ми да ја изразам мојата искрена благодарност за организацијата на овој настан. Се надевам дека оваа изложба е само еден мал чекор во унапредувањето на соработката меѓу двата града, која очекувам да продолжи со поинтензивна динамика и поширок спектар на можности...“.