top of page
1.jpg

Градовите во Русија и нивното место во победата во Големата Татковинска војна

Охрид, 3 мај 2018

На 3 мај во просториите на основното училиште „Христо Узунов“ во рамки на курсот по руски јазик организиран од Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одржа предавање посветено на градовите во Русија и нивното место во победата вo Големата Татковинска војна. Тешко е да се раскаже за сите 12 градови-херои и да им се посвети внимание на сите градови на воинска слава, кои моментално ги има околу 45, затоа основното внимание им беше посветено на некои од нив. Слушателите на курсот погледнаа неколку фрагменти од филмови за градовите-херои, а исто така слушаа песни од времето на војната.
Гостин на настанот беше Љубов Проку, жителка од раѓање на Санкт-Петербург, тогашен Ленинград, која раскажа за својот роден град: „Ниту еден град на Земјата не преживеал таков ужас: Хитлер имал намера потполно да го уништи. Во градот беа изгорени сите складишта за прехранбени производи, луѓето умираа од глад. Градот постојано беше под оган, беа извршени многу напади. Во Ленинград немаше електрична енергија, немаше вода. Луѓето мораа да одат на Нева по вода, и тоа некогаш им ги земаше на луѓето сите сили. Кога некој човек ќе паднеше на улица никој не обрнуваше внимание на него, знаеја дека едноставно нема со што да му помогнат.

Но луѓето не паѓаа со духот. Фашистите биле вчудоневидени кога среде гладот и смртта во театарот се слушнала музика. Тоа била симфонијата на Д. Шостакович бр. 7 – „Ленинградска“. И таа музика влевала во луѓето вера, надеж. Многу згради во градот беа разрушени, но Казанската црква практично не настрада. Велат дека неа ја заштитила светата покровителка – Казанската икона на Божјата Мајка.

Ние живеевме во Петерхоф, и да не беше мојата сестра, која на почетокот на војната имаше само 15 дена, ние сите би загинале, а благодарение на неа ние заминавме во евакуација со еден од последните возови.900 денови и ноќи жителите на градот не се предаваа на фашистите, а потоа блокадата беше пробиена. Ленинград беше ослободен. Ние се вративме во Петерхоф. Прекрасното предградие со неповторливи фонтани беше опустошено. Таму немаше ништо. Од нашата куќа не остана ништо. И нас нѐ сместија во дворецот „Мон Плезир“, но и таму тогаш немаше ништо: дури немаше ниту стакла на прозорците. И ние сето тоа го преживеавме, израснавме деца, внуци. Но, ние никогаш не го забораваме нашето минато. Токму затоа луѓето од овој град се необично срдечни и секогаш се подготвени да му помогнат на другиот. Неодамна Петербург беше избран за престолнина на културата. И градот ја заслужил оваа титула. Јас со годините го сакам сѐ повеќе и повеќе, како и својата Татковина, и ви посакувам сите да го посетите овој прекрасен, жив град особено сега, кога се приближуваат белите ноќи“. На крајот на настанот со минута милчење посетителите на курсот им оддадоа почит на загинатите во Втората светска војна.

bottom of page