top of page
Untitled-3.jpg

90 години музеј
д-р Никола Незлобински

Струга, 30 ноември 2018

Денес во Струга продолжи одбележувањето на неделата посветена на јубилејот „90 години музеј д-р Никола Незлобински“.

Амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Н.Е. Сергеј Александрович Баздникин, почесниот конзул на Руската Федерација во Охрид, проф. д-р Велимир Стојковски и директорката на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова – Митевска со делегација од Музејот, положија цвеќе на гробот на д-р Никола Незлобински.

Потоа го посетија археолопкото и биолошкото одделение на музејот во кое се зачувани повеќе од 8.000 примероци на различни видови, од кои најболемиот број исчезнале по исушувањето на струшкото блато.

Во продолжение на одбележувањето на јубилејот, во спомен домот на Браќата Миладиновци беше промовирана Монографија со фотографии од Струга и струшко направени од рускиот лекар д-р Никола Незлобински.

Пред присутните се обратија Н.Е. амбасадорот Сергеј Александрович Баздникин и директорот на Музејот Денис Сефиданоски.

Амбасадорот Баздникин, меѓу другото истакна дека фотографскиот материјал на д-р Никола Незлобински е вистинско богатство од минатото,  кое има историска и документарна вредност не само за Македонија, туку и за Русија, како и дека тоа ни дава уникатна можност да патуваме назад во времето и да ја допреме историјата на луѓето.

Директорот Сефиданоски, во своето обраќање му се заблагодари на тимот професионалци кои со голема посветеност работи и го продолжува континуитетот на генерациите работници во културата пред нив. Тој нагласи дека е по речиси еден век од пристигнувањето на рускиот доктор и неговиот тим, стружани сеуште со восхит сведочат за неизмерната мотивација и придонесот кон култивирање на средината, и препознавање на богатото природно наследство како реткост од светски размери.

Промотор на Монографијата беше директорката Елеонора Петрова – Митевска. Таа во својата промотивна реч, зборувајќи за делата на д-р Незлобински, меѓу другото истакна дека фотографиите на д-р Незлобински претставуваат ремек дело на она што е сочувано во децениите. Монографијата е споменик на неговото дело, на пасиониран фотограф преку чии дела може да се види културното, економското и социјалното живеење на Струга во еден многу значен период.

Рускиот емигрант и воен доктор д-р Никола Незлобински заедно со сопругата Софија и тим од соработници,  во Струга биле испратени во 1924 година за да му помогнат на населението да се справи со големиот проблем во тоа време – маларијата. Но, освен големиот придонес за подобрувањето на здравјето на населението и животните услови со исушувањето на струшкото блато,  д-р Незлобински остана запаметен и по уникатната биолошка збирка, која сведочи за богатството и разновидноста на живиот свет од овој регион. Во 1928 година, тој покренал иницијатива за отворање посебна зграда во која се изложени препарираните животни. Со тоа д-р Незлобински  ги поставил основите на првиот природонаучен музеј и музеологијата во Македонија.

bottom of page