top of page
vsu-fb.jpg

Летна школа по руски јазик и култура во Воронеж

Воронеж, 30 јули 2019

Од 15 до 30 јули на филолошкиот факултет на Воронежскиот државен универзитет се одржа „Летната школа по руски јазик и култура“, на која за прв пат учествуваа слушатели на курсевите по руски јазик при Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
На Свеченото отворање на Летната школа присутвуваа деканот на филолошкиот факултет Олга Анатолјевна Бердникова, која им се обрати на слушателите на летната школа со поздравен говор, продеканот за меѓународна соработка Марјана Јаковлевна Розенфелд, доц. д-р Наталија Алексеевна Козељскаја и раководителот на катедрата за словенска филологија проф. д-р Генадиј Филипович Коваљов.

Предавањата за слушателите на летната школа ги одржуваа искусни и истакнати професори по лингвистички и литературни дисциплини од катедрите за општа теорија на јазикот и стилистика, за словенска филологија, за руска литература од XX и XXI век, за теорија на литературата и фолклорот, меѓу кои проф. д-р Јосиф Абрамович Стернин, проф. д-р Генадиј Филипович Коваљов, проф. д-р Татјана Анатољевна Тернова, доц. д-р Наталија Алексеевна Козељскаја, доц. Владимир Леонидович Гусаков, проф. д-р Елена Аркадјевна Пљаскова, предавач Надежда Николаевна Родионова и раководителот на Балканскиот центар Ирина Игоревна Аржанова. Наставната програма беше предвидена со фонд од 60 часови, во чии рамки се одржуваа предавања и вежби по руски јазик, руска литература и историја на рускиот и словенските јазици.

Освен интензивната наставна програма во рамките на Летната школа за слушателите беа организирани и неколку екскурзии за разгледување на градот, на кои тие ги разгледаа главните знаменитости на Воронеж. Екскурзиите ги водеа професорите и студенти-волонтери. Слушателите го посетија бродот-музеј „Гото-Предестинација“, крстареа со брод по Воронежското вештачко езеро, преку организирани екскурзии ги посетија Воронежскиот природен резерват „В.М. Песков“ во Станица Графскаја, пештерскиот Воскресенски манастир во Белогорје, каде ги пречека и им раскажа за манастирот старешината, игумен Илија, и машкиот манастир Рождество на Пресвета Богородица во Задонск, каде слушателите се поклонија на моштите на големиот руски светител Св. Тихон Задонски, а исто така го посетија и забавниот парк „Кудикина гора“.
На крајот на Летната школа по руски јазик на слушателите им беа врачени сертификати.
Слушателите на Летната школа стекнаа незаборавно искуство и добра пракса по руски јазик во јазичната средина. Тие со жалење заминаа од Воронеж со надеж дека следната година повторно ќе се одржи Летната школа за љубителите на рускиот јазик и руската култура на која изразија желба повторно да присуствуваат.

bottom of page