Во Охрид по јубилеен 75-ти пат се одбележа Денот на ослободувањето на градот
Охрид, 7 ноември 2019
На 7. ноември во Охрид по јубилеен 75-ти пат се одбележа, Денот на ослободувањето на градот.
Во рамките на чествувањата, беше положено свежо цвеќе пред спомен обележјата на борците ослободители во Спомен паркот на револуцијата, каде пред присутните со историски час за значењето на 7. Ноември се обрати претседателот на Општинската организација на Сoјузот на борци на Охрид и Дебрца Гоце Георгиевски.
На настанот исто така присуствуваа и претставници на Амбасадата на Руската Федерација, Владимир Хрисанфов и Екатерина Акопјан, како и административниот соработник на Почесниот конзулат на Руската Федерација во Охрид и координатор на движењето „Волонтери на победата“ д-р Елена Обухова кои со полагање цвеќе им оддадоа почит на ослободителите на Охрид.
Свеченостите по повод празникот продолжија во просториите на основното музичко училиште „Методи Патче“ каде се одржа свечена академија на која пред присутните се обрати градоначалникот Костантин Георгиески и настапија градскиот хор од Охрид и ученици од музичкото училиште и од гимназијата „Св. Климент Охридски.